Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски денеска преку пост на својот фејсбук-профил побара неговиот колега пратеникот Скендер Реџепи да не се откажува од договорот за ново парламентарно мнозинство за рушење на Владата.
„Колега Скендер Реџепи да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ“, пишува Мицевски.
Тој додава дека не треба да му е важно кој се потпишал за изгласување недоверба на Владата, бидејќи вели, поважно е што „со тоа ќе се сруши оваа делегитимирана власт“.
Пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи вчера порача дека ако Левица остане на списокот за паѓање на Владата, тој нема да биде дел од него, ниту ќе го поддржи гласањето. Централното раководство на Алтернатива пак по оваа изјава на пратеникот од нивната партија најави дека ќе донесат одлука по ова прашање најдоцна до среда и дека нивните пратеници ќе бидат единствени каква и таа да биде.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и пратеничката Ангелинка Петкова се во изолација, но најавија дека во четврток ќе дојдат во Собрание на седницата по поднесената Иницијативата за изгласување недоверба на Владата и ќе гласаат согласно Протоколот што беше донесен од Комисијата за заразни болести и беше применет во Собранието во април годинава