Путин и Лукашенко разговарале за ситуацијата на белоруско-полската граница

илустрација

Рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска разговараа за мигрантската криза на белоруско-полската граница и изразија загриженост за присуството на полски трупи таму, објави белоруската државна новинска агенција Белта.

„Посебно место во разговорот беше темата за ситуацијата на белоруско-полската граница, како и строгите акции на полската страна во однос на цивилите. Во исто време, загрижува фактот за собирањето полски војници на границата. Шефовите на држави детално разговараа за вознемирувачките факти и трендови што се случуваат на белоруско-полската граница“, пренесува агенцијата.

Полските власти соопштија дека илјадници мигранти се собираат во близина на границата со Белорусија и го обвинија Минск дека се обидува да предизвика голема конфронтација. Ова пак ја поттикна Европската унија да побара нови санкции кон Белорусија. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги повика земјите-членки на ЕУ да ги прошират санкциите против белоруските власти, кои, како што наведе, се одговорни за приливот на мигранти на границата со Полска.

„Инструментализацијата на мигрантите за политички цели е неприфатлива“, се вели во соопштението на Фон дер Лајен.

Покрај продолжувањето на санкциите кон Минск, таа најави дека ЕУ ќе ја „истражи можноста за санкционирање и ставање на црната листа на авиокомпании од трети земји“ кои носат луѓе во Белорусија.