НБРМ: Инфлацијата под контрола, економијата ќе закрепнува

Гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска

Најновите оценки за четиригодишниот период 2021 ‒ 2024 гoдина ги потврдуваат очекувањата за закрепнување на домашната економија од пандемијата и во основа се непроменети во однос на априлските проекции. Ова е наведено во најновиот Квартален извештај кој денеска беше усвоен од Советот на Народната Банка, а во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на банката.

„Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во оваа и следната година, економската активност ќе расте со идентична стапка на раст од 3,9% и постепено ќе достигне стапка од 4%, на среден рок. Во целиот период на проекциите, се очекува дека растот и натаму ќе произлегува од домашната побарувачка, додека нето-извозот ќе има негативен придонес кон растот во периодот на проекции. Имено, закрепнувањето на странската побарувачка би делувало стимулативно на извозната активност, но со оглед на високата увозна компонента на извозот, но и побрзото закрепнување на домашната побарувачка, се очекуваат и поголеми увозни притисоци“, соопштуваат од НБРМ.

Најновите проекции упатуваат на умерена инфлација од 3,1% во 2021 година. Најголемиот дел од тековните нагорни притисоци се должат на фактори на страната на понудата, поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки.

Следната година се очекува нормализација на овие фактори и забавување на инфлацијата, при што би се свела на 2,4%, а потоа постепено на околу 2% на среден рок. Истовремено, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моменталниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката.

Според гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска дефицитот на тековната сметка и натаму би бил во умерени рамки, но на нешто повисоко ниво од минатата година (3,8% од БДП), а на среден рок би изнесувал околу 2% од БДП, слично на преткризното ниво. Според НБРМ, показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваат на нивно задржување во сигурната зона во текот на целиот период на проекции, што дополнително упатува на стабилноста на домашната валута – денарот.