Германија бара ЕУ да го запре приливот на мигранти од Белорусија

илустрација, граничен премин меѓу Полска и Белорусија

Полските власти утрината го затворија официјалниот граничен премин со Белорусија во близина на местото каде што илјадници мигранти се обидоа да упаднат и да влезат во Полска ден претходно.

Полска предупреди на можна „вооружена“ ескалација на границата со Белорусија, стравувајќи дека нејзиниот сосед би можел да се обиде да предизвика инцидент со стотици мигранти кои сакаат да преминат во ЕУ, јавува Би-би-си.

Додека на границата е тензично, Германија ја повика Европската Унија да преземе мерки за да и помогне на Полска да ја обезбеди границата со Белорусија и да го запре приливот на мигранти кои илегално преминуваат од таа земја на територијата на ЕУ.

„Полска или Германија не можат сами да се справат со ова“, изјави за германски Билд, вршителот на должноста министер за внатрешни работи Хорст Зехофер.

„Мораме да и помогнеме на полската влада да ја обезбеди нивната надворешна граница. Тоа всушност би била задача на Европската комисија (ЕК). Сега апелирам до нив да преземат акција“, рече тој.

Портпаролот на полската влада Пјотр Мулер, вчера изјави дека има околу 3.000-4.000 мигранти во близина на белоруската граница со Полска, а претходниот ден рече дека во одреден момент на границата со Белорусија очекуваат „ескалација“ која ќе биде од вооружена природа“.

Членките на ЕУ и НАТО, Полска, Литванија и Латвија забележаа зголемување на бројот на луѓе кои се обидуваат илегално да влезат во нивните земји од Белорусија во последните месеци. Многу од нив доаѓаат од Блискиот Исток и Азија.