Фон дер Лајен ги повика членките на ЕУ да ги прошират санкциите против Белорусија

Мигранти на белоруско-полската граница, 08.11.2021.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги повика земјите-членки на ЕУ да ги прошират санкциите против белоруските власти, кои, како што наведе, се одговорни за приливот на мигранти на границата со Полска. „Инструментализацијата на мигрантите за политички цели е неприфатлива“, се вели во соопштението на Фон дер Лајен. Покрај продолжувањето на санкциите кон Минск, таа најави дека ЕУ ќе ја „истражи можноста за санкционирање и ставање на црната листа на авиокомпании од трети земји“ кои носат луѓе во Белорусија.

На границата меѓу Полска и Белорусија, очајна битка на бегалец да го спаси своето семејство

Илјадници мигранти се собраа на белоруско-полската граница во обид да влезат во Европската унија. Брисел го обвинува режимот на белорускиот авторитарен претседател Александар Лукашенко дека го организирал пристигнувањето на мигрантите на источните граници на ЕУ откако Брисел воведе санкции врз Минск поради бруталната репресија врз опозицијата. Полска вчера изрази загриженост поради ескалацијата на границата со Белорусија, каде што се собраа илјадници мигранти.

Полска стравува од „голем инцидент“ откако стотици мигранти од Белорусија се упатија кон границата

Портпаролот на полската влада Пјотр Милер изјави за новинарите дека меѓу 3.000 и 4.000 мигранти се собрале во близина на границата. „Се плашиме дека ситуацијата може да ескалира“, додаде Милер, обвинувајќи ги луѓето „поврзани со белоруската тајна служба“ дека стојат зад овие обиди за криумчарење мигранти.