Поранешниот претседател на Грузија и опозициски лидер Михаил Саакашвили, кој е во затвор и штрајкува со глад од почетокот на октомври, денеска е префрлен во затворската болница, соопшти затворската служба.
„За да се избегне влошување на здравствената состојба на Саакашвили и поради зголемениот ризик по неговата безбедност, тој од затвор е префрлен во медицинска установа за притвореници“, се вели во соопштението.
Адвокатите и личниот лекар на Саакашвили изјавија дека состојбата на 53-годишниот поранешен претседател се влошува и затоа барале тој да биде префрлен во приватна клиника надвор од затворскиот систем.
Владата ги отфрли овие барања, наведувајќи дека, доколку има потреба, тој ќе биде префрлен во друга болница.
Поддржувачите на Саакашвили и активистите на неговата партија Обединетото национално движење, протестираат поради апсењето на поранешниот претседател пред затворот, каде тој започна штрајкот со глад, откако беше приведен на 1 октомври, по враќањето во земјата по осум години егзил.
- Опозициски митинг во Грузија за поддршка на Саакашвили
- Грузиската опозиција на протести бара да биде ослободен екс претседателот
Претседателот на Грузија е уапсен врз основа на пресуда од 2018 година за злоупотреба на службената положба. Саакашвили, кому му се судеше во отсуство, смета дека судењето е политички мотивирано.
Тој на 8 ноември најави дека ќе продолжи со штрајкот со глад „до смрт“, додека затворската служба викендов објави видео на кое се гледа како поранешниот претседател јаде и пие во медицинската соба на притворот.
Во изјавата на Фејсбук, Саакашвили ги повика поддржувачите и опозициските политичари наместо на неговиот штрајк со глад, да се фокусираат на, како што ги нарече, „украдените избори“ и „враќање на владата на грузискиот народ“.