Полска стравува од „голем инцидент“ откако стотици мигранти од Белорусија се упатија кон границата

Мигранти во Белорусија на пат кон Полска

Полска соопшти дека ја засилува безбедноста на источната граница со Белорусија, по извештаите дека стотици мигранти пеш се упатиле кон границата.

Полските власти ја обвинија Белорусија дека се обидува да предизвика „голем инцидент“ по објавувањето на фотографиите на социјалните мрежи на кои се гледаат стотици мигранти кои одат кон Полска.

На една од видео снимките се гледа голема група мажи и жени во придружба на вооружени луѓе во воени униформи.

„Белорусија сака да предизвика голем инцидент, по можност со пукање и жртви“, рече заменик министерот за надворешни работи Пјотр Ваврзик за полското радио.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Стотици мигранти на границата меѓу Белорусија и Полска

Во изминатите месеци, илјадници мигранти од Блискиот Исток, Јужна Азија и Африка се обидуваат нелегално да влезат во Полска, но и во Латвија и Литванија, од Белорусија.

ЕУ го обвини белорускиот лидер Александар Лукашенко дека ги насочува мигрантите кон границите на ЕУ како одмазда против санкциите кои Брисел ги воведе поради системското задушување на опозицијата, невладиниот сектор и независните медиуми по минатогодишните спорни претседателски избори.

Полскиот министер за одбрана Мариуш Блажчак денеска на Твитер напиша дека на границата се распоредени 12 илјади војници, наместо 10 илјади како досега.

Тој додаде дека доброволната територијална одбрана е ставена во состојба на готовност.

Блажчак рече дека неговото министерство, заедно со Министерството за внатрешни работи, е „подготвено да ги одбрани полските граници“.
Министерот за внатрешни работи Мариуш Камински рече дека „се подготвени за секое сценарио“.

Белорускиот граничен комитет соопшти дека „нехуманиот однос на полските власти ги натера бегалците да го преземат овој очаен чекор“.

Блогери објави дека околу 1000 мигранти биле запрени од белоруските граничари на 200-300 метри пред преминот Брузги – Кузница, кој е само за моторни возила. Многу од мигрантите отишле во блиската шума.

Полска воведе вонредна состојба на границата, постави бодликава жица и го зголеми бројот на војници и граничари за да го запре протокот на мигранти од Белорусија. Пратениците исто така одобрија буџет од 407 милиони долари за изградба на ѕид на источната граница.