Американски државјанин кој учествуваше во насилниот упад во Капитолот во Вашингтон на 6 јануари годинава, бара политички азил во Белорусија.
Во интервју за државната телевизија Белорусија-1, објавено вчера, Еван Нојман вели дека го послушал советот на неговиот адвокат и избегал во Европа, откако против него биле подигнати шест обвиненија.
Нојман вели дека извесно време престојувал во Швајцарија и Италија, а потоа уште четири месеци бил во Украина.
На средината на август, тој беше уапсен од белоруските граничари за нелегален влез во земјата од Украина.
Тој вели дека решил да побегне во Белорусија и да побара политички азил, откако украинските безбедносни служби почнале да покажуваат интерес за него.
Човекот од Калифорнија се соочува со шест федерални обвиненија за учество во упадот во Капитолот, во кој беа вклучени поддржувачи на претседателот во заминување Доналд Трамп за да спречат прогласување на победата на Џо Бајден на претседателските избори.
Нојман ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „политички прогон“.