Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ Бујар Османи денеска, по состанокот на Централниот одбор на партијата, рече дека го овластиле лидерот на ДУИ Али Ахмети сам да носи одлуки. Тричасовната седница следува по понудената оставка на премиерот Зоран Заев и најавите за ново парламентарно мнозинство на три други партии на Албанците со ВМРО-ДПМНЕ.
Членовите на Централниот одбор, рече Османи, се согласиле дека продолжувањето на евроатланскиот курс на државата е без алтернативна и дека е неопходно да се смогнат сите сили и да се направат сите напори за евроатлантскиот курс на државата да биде гарантиран.
„Едногласно Централниот одбор го овласти претседателот Ахмети да продолжи да разговара со сите политички партии за да како важен и одлучувачки фактор после парламентарните и локалните избори со цел да се задржи овој прогресивен пат и овој евроатлански курс на државата при тоа разговарајќи со сите политички партии со двата блока освен тие што се против овој евроатлански курс, против стратешките интереси на граѓаните и државата“, изјави Османи.
Тој потенцираше дека со тоа овластување кое го има од Централниот одбор Ахмети продолжува да разговара со претставници на другите партии со цел да се одржи политичката стабилност. Османи рече дека Ахмети ќе разговара со сите партии освен со, како што нагласи деструктивните партии, додавајќи дека сите опции се на маса со сите конструктивни сили во државата.
„Тоа се партии кои се програмски определени против стратешките интереси на граѓаните и државата бидејќи сметаме дека тоа е волја на граѓаните и волја на нашите сојузници и интерес на државата таквите комбинаторики да не бидат дел од било кое планирање. Инаку ќе продолжиме со сите партии, да анализираме и дискутираме. Овластен е да донесе одлука, имајќи во предвид на ДУИ како едно сидро. Граѓаните да бидат мирни, Ахмети ќе ја донесе правилната одлука“, истакна портпаролот.
ДУИ е дел од владејачката коалиција со СДСМ. Новото парламентарно мнозинство објавено во петокот е составено од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, политичката партија Левица и Движењето Беса. Мицкоски вчера нагласи дека мнозинство е обезбедно да падне оваа влада на Заев, дека ќе се обиде да формира влада, но дека ако тоа не успее опција се брзи предвремени избори. Денеска му даде рок на премиерот Зоран Заев да ја достави оставката до Собранието утре до 14.30. Во спротивно, како што рече тие ќе ја почнеле процедурата за гласање на недоверба на владата.
Премиерот Заев најави оставка од премиерската и партиската функција по неделните локални избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ. Оставката се уште не е стигната во Собранието.