Kандидат за пратеник во Бугарија дел од шема за лажни потврди за ковид вакцинација

Вакцинален пункт во Бугарија

Кандидатот за пратеник во бугарското собрание Величко Георгиев од коалицијата Патриотски фронт е под истрага за учество во шема за издавање лажни потврди за вакцинација против ковид-19. Георгиев е снимен во истражувањето на бугарската Нова ТВ. Во него, како што јавува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа, се открива како за сума од 1.350 лева (околу 700 евра) може да се купат три сертификати.

Станимир Станев, директор на Националната полициска управа рече дека по истражувањето е поведена истрага, а дека главниот обвинител Иван Гешев побарал имунитет на Георгиев, кој му следува како кандидат за пратеник.
Инаку, во коалицијата „Патриотски фронт“ се неколку партии меѓу кои и НФСБ, чиј лидер Валери Симеонов рече дека Георгиев ќе биде отстранет од кандидатската листа утре.

Од истражувањето на бугарската телевизија се гледа дека кандидатот за пратеник е посредник меѓу купувачите на лажни потврди за вакцинација и две медицински лица кои ги издаваат. Брзо добивање на сертификат чинело околу 230 евра, а побавната процедура која траела до еден месец околу околу 150 евра.
Инаку, вонредните парламентарни и редовните претседателки избори во Бугарија ќе се одржат на 14 ноември.