Вучиќ: писмото на американските конгресмени e еднопартиско

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска рече дека не се плаши од замрзнување имот и сметки во странство „бидејќи ги нема“.Ова тој го кажа по примањето на третата доза на вакцината против ковид-19 на саемот во Белград, а по повод писмото од група американски конгресмени кои, според некои медиуми, го повикале американскиот претседател Џозеф Бајден да размисли за воведување извршна наредба за блокирање имот и да го забрани влезот во САД за одредени луѓе кои ја дестабилизираат состојбата на Западен Балкан.

Во писмото, меѓудругото, се наведува дека провладините медиуми во Србија напредуваат „во взаемно корисни односи со власта“, како и дека работите на државната компанија Телеком Србија се „обвиени во тајност“.

Исто така се наведува дека извештаите покажале оти српскиот претседател ја продлабочил корупцијата во земјата, вклучително и користењето на ковид кризата како изговор за прикривање на државните трошоци и набавка на заштитна медицинска опрема и респиратори. Вучиќ оцени дека набавката на респиратори „не е доказ за каква било корупција“, туку за неговата борба за Србија.

Според српскиот претседател текстот на писмото изгледа како „некој намерно го напишал против Телеком“ а дека тој е споменат попатно. Вучиќ рече и дека барањето е потпишано од неколку конгресмени од Демократската партија и дека е „еднопартиско“ и дека ќе се види „колку конгресмени ќе ја потпишат „српската“ резолуција во следниот месец. Писмото што првпат го објавија подгоричко „Вијести“ и регионалниот портал Н1 е потпишано од седум демократски конгресмени на петти ноември.