Ахмети: пратеници од ДУИ нема да го зголемат мнозинството на Мицкоски

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети

Не сме загрижени за ситуацијата со опозицијата. За нас се приоритет државните, а не партиските интереси – да го решиме проблемот со Бугарија, да функционира земјата во нормална состојба, изјави денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред средбата на партиското раководство во Тетово. Како што рече Ахмети, ДУИ е отворена за разговори со сите кои се про ЕУ и НАТО, но нема комуникација, ниту ќе има со оние што негуваат анти НАТО, анти ЕУ и анти албанска филозофија. Демокртатски е, смета Ахмети, некој да има мнозинство од 61 пратеник, но сосема друго е стратегија, концепт и иницијатива.

На новинарско прашање дали е точно дека пратеници од ДУИ ќе го зголемат мнозинството на Христијан Мицкоски, Ахмети рече дека тоа се лажни вести и дека ДУИ е комплетна.

„На средбата ќе се анализираат актуелните политички случувања, а целта е како да се зачува нормалната состојба во државата. ДУИ е партија со голем кредибилитет и приоритет. Секогаш ги става државните интереси пред партиските. Државните интереси се приоритет и тоа е најважно. Да го решиме проблемот со Бугарија, да функционира државата во нормална состојба. Не сме загрижени од ситуацијата со опозицијата“, истакна Ахмети пред средбата.

Во врска со статусот што го објави на Фејсбук Шкодране Дардишта, членка на Одборот на директори на Македонски телеком, Ахмети потенцира дека ДУИ во својата кауза ја има слободата, а таквите изјави не се во интерес на партијата и каузата.

Дардишта стана актуелна деновиве откако, како што пренесоа медиуми, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук упатила закани по најавата дека е можно ДУИ да не биде дел од владата поради новото мнозинство кое го најавија ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица.

„Сѐ уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики. Ние не сме сираци, ние сме никнале по војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него“, напишала Дардишта која е членка на ДУИ.