Во Скопје приведени лица за кражба на струја

Министерството за внатрешни работи информира дека полицајци од Одделението за криминалистички работи Кисела Вода, по добиена судска наредба, денеска извршиле претреси во дом и други простории на неколку локации во Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.

Како што соопштија од МВР, претрес е извршен на улицата „Рилски Конгрес“ во домот на С.Т.(67), и на улицата „Александар Бујунов“ во две куќи сопственост на М.З.(63).

„При претресот е најден пиштол и разновидна опрема за копање на криптовалути, 16 ригови со 99 графички картички, еден мајнер, со кои се вршела кражба на електрична енергија, што било потврдено и од претставници на ЕВН“, информираат од МВР.

Во консултација со Јавен обвинител предметите ќе бидат одземени, а лицата се приведени и по документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.