Министерството за здравство информира дека Шкодране Дардишта не извршува никаква функција во Министерството за здравство или во која било клиника во Универзитетскиот клинички центар ,,Мајка Тереза".
„До 2020 година Шкодране Дардишта беше на раководна позиција во заеднички служби на Клинички центар. Позиција директор на Клинички центар воопшто не постои во систематизација“, наведуваат од Министерството за здравство.
Дардишта стана актуелна деновиве откако, како што пренесоа медиуми, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук упатила закани по најавата дека е можно ДУИ да не биде дел од владата поради новото мнозинство кое го најавија ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица.
„Сѐ уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики. Ние не сме сираци, ние сме никнале по војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него“, напишала Дардишта која е членка на ДУИ.
Реакцијата на Министерството за здравство следува откако некои медиуми јавија дека таа е директор на заедничките служби на Клинички Центар. Дардишта, како што е објавено на официјалната страница на компанијата, во моментов е независен член на одборот на директори на Акционерското друштво Македонски телеком.