До 14.30 ќе ја почнеме процедурата за гласање на недоверба на владата ако Зоран Заев, како што вети, не си поднесе оставка до Собранието од премиерската позиција. Ова денеска го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој со избраните градоначалници од неговата партија се среќаваат во партискиот штаб.
Мицкоски ги повика и останатите пратеници, покрај оние 61 кои, како што напомена, се веќе дел од мнозинството, да им се придружат.
„Отворена е вратата за секој што мисли дека оваа Влада на Заев не е добра. Секој што ја поддржува оваа Влада, нормално дека нема да биде дел од пратениците кои ќе гласаат недоверба. Тука не постои политичка партија, туку се работи за пратеници. Вкупно 61 застанаа зад иницијативата. Ги повикувам и останатите да се придружат, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски одговорајќи на новинарски прашања.
Како што нагласи по поднесувањето на иницијативата, процедурата ќе биде во рацете на претседателот на Парламентот кој, како што додаде, треба да ги почитува постапката и роковите.
Инаку, новото парламентарно мнозинство објавено во петокот е составено од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, политичката партија Левица и Движењето Беса. Мицкоски вчера нагласи дека мнозинство е обезбедно да падне оваа влада на Заев, дека ќе се обиде да формира влада, но дека ако тоа не успее опција се брзи предвремени избори.
Инаку премиерот Зоран Заев најави оставка од премиерската и партиската функција по неделните локални избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ. Оставката се уште не е стигната во Собранието.