СДСМ чека дали ќе се избере влада, ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека мнозинството е за пад на Заев

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на состанок со опозициските лидери за ново парламентарно мнозинство

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение повторно наведе дека е формирано ново мнозинство за пад на владата на премиерот Зоран Заев.

„ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Алтернатив, БЕСА и Левица формираа мнозинство за пад на владата на Заев. ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да формира ново мнозинство кое треба да го отслика расположението на граѓаните и да ги реализира потребните реформи. Доколку таквата влада не може да ги гарантира тие работи, треба да се оди на предвремени парламентарни избори“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму нагласуваат дека ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на европската агенда на државата.

Од СДСМ, пак, реагираа исто така преку соопштение наведувајќи дека деновиве ќе покажат дали ќе се избере, како што пишуваат, нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада и дали Мицкоски има капацитет и одговорност.

„Информациите кои вчера се појавија во јавноста, дека дел од пратениците кои се потпишале биле злоупотребени, кажува за какви "принципи" станува збор. Со партнери кои се против НАТО, кои се против Договорот од Преспа, кои се против концептот едно општество за сите, против членството во ЕУ, јасна е агендата на Мицкоски“, наведоа од СДСМ.

Во петокот претставници и лидери на петте партии соопштија дека формирале ново мнозинство од 61 пратеник. На премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев која својата оставка ја најави по поразот на локалните избори му дадода рок до понеделник да ја достави оставката до Собранието. Во спротивно најавија дека ќе отпочнат процедура за гласање на доверба на владата.