Американскиот дипломат Габриел Ескобар денеска пристигнува во Босна во време кога во земјата се зголемени загрижувањата дека Република Српска, во која живеат мнозинство Срби, може да се одвои од Босна и Херцеговина.
Габриел, кој е заменик помошник државен секретар во бирото за европски и евроазиски прашања во Стејт Департментот, пристигнува во Сараево неколку дена откако високиот меѓународен претставник во земјата рече дека има постоечка закана од сепаратистички акции од страна на лидерот на босански Срби Милорад Додик.
Ескобар во интервју за Радио Слободна Европа дадено пред посетата рече дека тој сака луѓето во Босна да знаат дека меѓународната заедница е обединета за да осигура дека обврските за мир и безбедност на луѓето во регионот се исполнети.
Додик се заканува дека ќе ја повлече српската територија од неколку национални институции. Ескобар вели дека кој било потег кој ќе го поткопа Дејтонскиот мировен договор со кој се стави крај на босанската војна во деведесетитте години и се воспоставија институциите е многу штетен и многу дестабилизирачки за регионот.
Додик вчера го пречека унгарскиот премиер Виктор Орбан во Република Српска и подоцна за јавниот сервис РТРС рече дека му рекол на гостинот оти постојат многу политички спинови и дезинформации дека Србите наводно го уништуваат територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.