Дендиас за Договорот од Преспа- владите доаѓаат и си одат, но обврските остануваат

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Скопје се сретна со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас кој на 31 август годинава престојуваше во официјална посета на земјава

Се надеваме на продолжување на соработката во сите области со која влада и да произлезе од внатрешните процеси во Северна Македонија, вели министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас во интервјуто за весникот „Врадини“, а за Договорот од Преспа истакнува дека владите доаѓаат и си одат, но обврските остануваат, јави дописничката на МИА од Атина.

„Во демократските општества, владите доаѓаат и си одат, но државите и обврските што ги преземаат остануваат. Нова Демократија не гласаше за Договорот од Преспа и имаше остри приговори за конкретни точки, за чии последици, на најинституционален начин предупреди во грчкиот Парламент. Но, не криеше, како по изгласувањето на Договорот, така и од првиот момент кога ја презеде функцијата, дека ќе го спроведе“, истакна Дендиас.

Шефот на грчката дипломатија објаснува дека на сите средби и во сите разговори со функционерите од Северна Македонија, соговорниците покренувале две основни прашања: европската перспектива и како Грција може да помогне во оваа насока, како и зајакнување на билатералните врски во сите области, економија, инвестиции, енергија, транспорт и одбрана.

„Од моја страна ја повторив потребата за целосно, доследно и со добра волја спроведување на Договорот од Преспа. Но, истакнав и уште нешто. Нашата земја може, по предуслови, во иднина да стане најдобриот пријател на Северна Македонија. Стабилноста и просперитетот на оваа земја е и во наш интерес. Впрочем, Грција нема никакви претензии од северниот сосед. Секако, немаме никаква причина да зборуваме за внатрешните работи на Северна Македонија. Се надеваме на продолжување на соработката во сите области со која Влада и да произлезе од внатрешните процеси“, вели Дендиас.

Неговата партија дојде на власт во 2019 година, а како опозиција беше критичар на Договорот од Преспа со кој се реши повеќедеценискиот спор за името меѓу Скопје и Атина поради кој беше блокирано македонското членство во НАТО. Договорот го склучија во 2018 година тогашните влади на македонскиот премиер Зоран Заев и на грчкиот премиер Алексис Ципрас.

СИРИЗА на Ципрас ја изгуби поддршката на изборите во Грција следната година, а турбуленциите на македонската политичка сцена почнаа по минатонеделните локални избори кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ доби поголема поддршка од СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој e критичар на Договорот од Преспа со кој земјава стана Северна Македонија, по победата на локалните избори рече дека договорот е реалност која не им се допаѓа, но доколку не се почитува таа реалност во рамките на административното функционирање на институциите тогаш ќе имаат проблем со други инстанци, како обвинителство, судство.

„Дали ќе работиме таа реалност еден ден кога ќе имаме можност да се промени јас ви кажувам да, работиме“, рече Мицкоски неделава.