СДСМ:Ќе видиме дали ќе се избере нова анти-демократска влада

Зоран Заев и партиското раководство на прес-конференција по поразот на локалните избори на 31 октомври 2021

Христијан Мицкоски потврди дека го интересира само власт, по секоја цена и дека не станува збор за никаква политичка идеја, нема никакви вредности, нема платформа, реагираат преку соопштение на денешната прес конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Денеска народот слушна од Мицкоски дека целта му била да руши Влада со политичка партија која е дел од актуелната влада – БЕСА, дека земјата ќе ја носел напред ама со анти-НАТО и анти-американски коалиционен партнер – Левица.
На следниот состанок на масата на новата коалиција останува да ги стави фотографиите од Орце Камчев, Никола Груевски и Сашо Мијалков и да изјави дека заедно ќе го расчистуваат криминалот на ВМРО-ДПМНЕ“, наведуваат од СДСМ.

Мицкоски од говорницата во партиското седиште покажа листови на кои како што рече се потпишани 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство, додаде тој, подразбира заеднички блок составен од Коалицијата за „Oбнова на Македонија“ која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, политичката партија Левица и Движењето Беса.
Мицкоски рече дека мнозинство е обезбедно да падне оваа влада на Заев, дека ќе се обиде да формира влада, но дека ако тоа не успее опција се брзи предвремени избори.

Од СДСМ наведуваат дека не можело тие кои ги кочеле „сите прогресивни процеси, интерграцијата во НАТО и ЕУ, порастот на платите“ да бидат опција за иднината.

„Ќе видиме деновиве дали ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада, дали Мицкоски има капацитет и одговорност. Ги повикуваме на соработка и одговорно застанување на страната на демократската опција сите прогресивни демократски сили и сите пратеници кои се за европска иднина на нашата држава, за правда и економскиот напредок“, наведуваат од СДСМ.

Инаку премиерот Зоран Заев најави оставка од премиерската и партиската функција по неделните локални избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ. Оставката се уште не е стигната во Собранието. Мицкоски,пак, најави дека во понеделник ја чекаат оставката од Заев да стигне во Собранието, а ако тоа не се случело ќе почнеле процедура за гласање недоверба на владата.