Мицкоски:ќе се обидам да формирам влада, ако не опција се избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на состанок со опозициските лидери за ново парламентарно мнозинство

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес конференција во партиското седиште рече дека новото парламентарно мнозинство кое го објави вчера значи дека оваа влада на Зоран Заев паѓа. Нагласи дека мнозинството е обезбедено за да падне оваа Влада и оти ќе се обиде да формира политичка влада.

„Тоа значи дека во периодот што следи ќе се обидам, повторувам, ќе се обидам да формирам нова влада и тоа ќе се случи само доколу бидам сигурен дека тоа ќе биде влада на сериозен кредибилитет, влада со силни институции кои ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите и проблемите кои следат. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам потполна ефикасност на владата, тогаш она што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Тој од говорницата неколкупати ги покажа листовите на кои како што рече се потпишани 61 пратеник. Тврди дека имале притисоци.
„Од она што јас знам е дека уште во текот на вчерашниот ден се прават жестоки притисоци врз луѓето кои се потпишани овде своерачно. Познавајќи ги методите на власта, се е можно“, рече Мицкоски.

Новото парламентарно мнозинство, додаде тој, подразбира заеднички блок составен од Коалицијата за „Oбнова на Македонија“ која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, политичката партија Левица и Движењето Беса.

„Ова е коалиција против криминалот и корупцијата на власта, против изневерените надежи, блок за напредок и нова иднина. Очекувам во периодот којшто следи ова мнозинство да биде зголемено“, рече Мицкоски.

Најави дека во понеделник ја чекаат оставката од премиерот Зоран Заев да стигне во Собранието, а ако тоа не се случело ќе почнеле процедура за гласање недоверба на владата.

Инаку Заев најави оставка од премиерската и партиската функција по неделните локални избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ. Оставката се уште не е стигната во Собранието бидејќи како што велат од СДСМ се уште се прават консултации за тоа кој ќе биде иден мандатар од мнозинството кое до вчера тврдеа дека е стабилно.