Опозициски митинг во Грузија за поддршка на Саакашвили

Протест на грузиската опозиција за ослободување на затворениот поранешен грузиски претседател Михаил Саакашвили

Грузиската опозиција за денеска планира голем протест во главниот град Тбилиси со барање за ослободување на затворениот поранешен грузиски претседател Михаил Саакашвили. Ника Мелиа, лидер на опозициското Обединето национално движење чиј основач е Саакашвили на социјалната мрежа Фејсбук објави дека протестот ќе започне во 17 часот по локално време. Мелиа ги повика членовите на опозицијата да се соберат и да останат заедно за да започнат континуирани демонстрации во близина на затворот Рустави.

Овој собир следува по сличните протести кои се организираа пред затворот каде што Саакашвили почна штрајк со глад. Тој беше приведен на први октомври, неколку часа по неговото враќање во земјата, а по осум години во самопрогонство во странство.

Педесет и тригодишниот Саакашвили кој беше претседател од 2004 до 2013 година, ја напушти земјата набргу по претседателските избори во 2013 година и беше осуден во отсуство во 2018 година за злоупотреба на власта и обид за прикривање докази за претепувањето на член на опозицијата. Саакашвили рече дека обвиненијата против него се политички мотивирани.