Претседателот на ДПА Мендух Тачи, чија партија со еден пратеник е дел од мнозинството на СДСМ кое го сочинуваа 62 пратеници, денеска оцени дека новото парламентарно мнозинство што вчера го објавија лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алтернатива и претставници на Алијанса за Албанците и Беса е „голем театар“.
„Ова е уште еден голем театар на тие што реално немаат моќ да ги предводат политичките процеси во државава. Вчерашните актери што ги видовме на фотографијата со Мицкоски само му ги местат коцките на Заев. Можеби несвесно, но му прават платформа за негов камбек. Следната влада ќе биде на чело со Заев“, изјави Тачи за „Слободен печат“.
Тачи вели дека не познавал друг човек во СДСМ со поголеми капацитети од Заев.
Инаку синоќа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека доколку премиерот Зоран Заев не ја поднесе најавената оставка тие ќе поднесат иницијатива за недоверба на Владата. Тој рече дека тие обезбедиле мнозинство со 61 пратеник.
„Мнозинство кое што ќе гарантира дека оваа влада предводена од СДСМ ќе е минато. Ја очекуваме оставката на Заев која ја најави доколку тоа не се случи ќе поднесеме недоверба на Владата. Очекуваме да ја поднесе оставката“, рече Мицкоски.
Додаде дека сите опции се во игра и брзи предвремени избори и мнозинство со кое како што рече се гарантиало дека оваа влада на СДСМ е минато, но за се останато како стратегијата и програмските определби ќе седнеле да разговараат.
Претседателот на Алтернатива Африм Гаши која е дел од коалицијата Алтернатива/Алијанса за Албанците синоќа рече дека како опозициска партија се потпишале на иницијативата на ВМРО- ДПМНЕ за интерпелација на Владата.
„Ако се изгласа недоверба тогаш започнуваат други рокови, и тогаш почнува процесот кој ќе биде мандатар, каква Влада ќе се состави, а потоа ќе седнеме пак и ќе разговараме. Важно е да знаете дека Алтернатива нема да биде дел од Влада која би се повлекла од евроатлантските процеси и интеграции. Мора нашата држава да остане членка на НАТО, да се зацврстат нашите односи. Ако некоја партија тоа го условува, ние нема да бидеме дел од таа Влада“, вели Гаши.
Заев најави оставка од премиерската и партиската функција по неделните локални избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ. Оставката се уште не е стигната во Собранието бидејќи како што велат од СДСМ се уште се прават консултации за тоа кој ќе биде иден мандатар од мнозинството кое до вчера тврдеа дека е стабилно.