Една недела пред предвремените парламентарни избори и редовните претседателски избори во Бугарија, според истражувањето на „Галуп интернешнл“, шест партии го минуваат цензусот за влез во 47. Национално собрание.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, ГЕРБ и натаму цврсто ја држи лидерската позиција и со голема разлика во рејтингот води пред БСП, а коалицијата на двајцата поранешни министри од преодната влада на Бугарија „Промените продолжуваат“ има најголема резерва.
Доколку парламентарните избори во Бугарија се одржеа на крајот на октомври за ГЕРБ-СДС ќе гласаа 24,2 отсто од гласачите, за БСП – 15,7 отсто, за „Промените продолжуваат“ – 13,7 отсто, за „Има таков народ“ 11,3 отсто, за ДПС – 11,1 отсто и за „Демократска Бугарија“ – 9,8 отсто. Проруската и популистичка партија „Обнова“ останува под цензусот за влез со 3,3 отсто, следена од „Стани.БГ! Доаѓаме!“ со 3,1 отсто.
Според социолозите на Галуп, БСП во моментов е пред „Промените продолжуваат“, но не е јасно како ситуацијата со Ковид-19 и машинското гласање ќе се одрази врз електоратот на БСП, која има повозрасно гласачко тело.
Доколку претседателските избори се одржаа на крајот на октомври, за актуелниот претседател Румен Радев ќе гласаа 47,6 отсто, за Анастас Герџиков 25,1 отсто, за Мустафа Карадаи од ДПС 8,5 отсто, а за Лозан Панов 5,7 отсто.
Во Бугарија на 14 ноември ќе се одржат трети предвремени парламентарни избори годинава, откако по првите два циклуса не можеше да се формира влада. На истиот ден се одржуваат и редовните избори за претседател на државата.