Денарот останува стабилен – фиксниот курс е клучно сидро на стабилноста на македонската економија. Девизните резерви достигнаа 3,7 милијарди евра во септември и со оглед на добрата надворешна позиција, очекуваме дека ќе бидат стабилни и во 2022 и 2023 година, одржувајќи соодветна покриеност.
Надворешните ризици се дополнително ублажени со репо-линијата којашто Европската централна банка ѝ ја одобри на Народната банка. Ова, како што информира денеска Народната банка, се дел од констатациите на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, изнесени во извештајот со којшто се потврдува кредитниот рејтинг на земјата.
Инаку, агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија на „ББ +“, со негативен изглед. Како што соопштија од Министерството за финансии во извештајот,„Фич“ нотира дека потврдениот рејтинг во услови на пандемија е резултат на спроведувањето добри политики на владеење, развојот на човечкиот капитал, како и кредибилната и кохерентната макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс.
Агенцијата предвидува раст на македонската економија од 4,1 отсто во 2021 година и 4,3 отсто во 2022 година, како резултат на поволните економски услови на клучните извозни пазари.