Доцна вечерва избувнал пожар во РЕК Битола. Пожарот е изгаснат и нема повредени. Според првичните информации станува збор за пожар на трафостаница во рамките на термоцентралата велат од Електрани на Северна Македонија.
„Вечерва изби пожар на блок 3 во РЕК Битола, еден од двата блока со кои во моментот работеше комбинатот (блок 1 и 3). Огнот изби во 22.50ч. на изолатор на трансформаторот на блок 3, надвор од електраната. Нема повредени, а огнот е брзо изгаснат“, се вели во соопштението АД Електрани на Северна Македонија.
Засега нема информација за предизвиканата штета, ниту за причините за настанувањето на пожарот.
Министерот за економија Крешник Бектеши вечерва во Топ Тема изјави дека засега РЕК Битола работи со двата блока и дека се прават напори со најавениот тендер за набавка на јаглен да се стави во функција и третиот блок.
Трите блока моментално не работат, а РЕК Битола е исклучен од енергетската мрежа и надвор од производствениот процес, јавува ТВ 21.
РЕК Битола обезбедува во просек околу 70 проценти од потребите за енергија на граѓаните и домаќинствата во државата.