Беса размислува за напуштање на владејачкото мнозинство

Арјанит Хоџа, генерален секретар на Беса и министер за земјоделие

Партијата Беса денеска и утре ќе ги продолжи консултациите дали да остане дел од владејачкото мнозинство или да го напушти, но генералниот секретар на партијата, Аријанит Хоџа, кој е министер за земјоделство, соопшти дека ќе се повлече од министерската функција без разлика дали Беса ќе остане во владејачкото мнозинство. Причина за тоа е одлуката на ДИК за прегласување во Желино каде што победи кандидат за градоначалник од редовите БЕСА.

На денешната прес конференција Хоџа изјави дека коалицискиот партнер ДУИ нечесно изиграле со приговорот за гласањето во Желино каде кандидатот на Беса победи со 69 гласа разлика пред противкандидатот од редовите на интегративците.

Во Собранието лидерот на ДУИ Али Ахмети изјавил дека не очекува Беса да ја напушти Владата, затоа што, како што вели, таквиот потег нема да биде од полза на таа партија. Ахмети коментирајќи ја изјавата на Хоџа посочил дека нема потреба да се врши притисок врз институциите и дека треба да се почитува одлуката на ДИК за прегласување на едно избирачко место во Желино.

Изјавата на Ахмети, следи по објавата на Фејсбук на генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, кој е и актуелен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, во врска со приговорите за изборите во Желино, по кои решаваше ДИК.

Хоџа пак, изјави дека ДУИ манипулира со изборниот резултат и дека тоа што се случило во Желино ги надминува сите граници.

„Мојот став е јасен и чист, и да одлучи партијата дека треба да се продолжи со ова владејачко мнозинство јас како министер нема да бидам дел од тоа владејачко мнозинство. Колку и да велат дека ова е емотивна реакција, човек живее за принципи и не можам јас да се гледам со тие луѓе на маса кога се подготвени нож во грб да му забодат на коалициски партнер кој цела година буквално со сите неправилности стоел само заради големата слика. Очигледно, ДУИ не ги интересира големата слика туку повеќе другите работи како што е ова со Желино, да направат кризи и слично. Мислам дека е време пополека и тие да се подготват да менуваат“, изјави Хоџа.

На изјавата од лидерот на ДУИ, дека Беса на ваков начин прави притисок врз институциите, Хоџа возврати дека Ахмети треба да се подготви за опозиција.