Од АББА до Заев
ШВЕДСКА - Шведската поп супергрупа АББА го направи долгоочекуваниот кам-бек на 5 ноември со нивниот нов албум Voyage, речиси четири децении откако се разделија.
МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека повело постапка против две лица од кои едното е осомничено дека сторило измама, а другото е осомничено за лажно претставување. Според соопштението на обвинителството, првиот осомничен, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, лажно прикажал факти согласно кои наводно поседувал информации дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. По информациите во некои медиуми дека осомничените се вработени во Агенцијата за национална безбедност, од АНБ излегоа со демант.
МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска повтори дека бугарското вето за почеток на преговори со Европската Унија, всушност не е само блокада кон земјата, туку и кон ЕУ. Тој рече и дека во Судот во Стразбур нема пресуди против нас за дискриминација на Бугари.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство денеска соопшти дека во период од 06 август до 04 ноември на територија на државата 48.955 граѓанин биле позитивни на Ковид- 19, од нив 28 отсто биле целосно вакцинирани, односно 13.886 лица. Од министерството додаваат дека голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид 19.
МАКЕДОНИЈА - Рочиштето за предметот во кој актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, што требаше да се одржи денеска, е одложено за 23 ноември.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за правда, Бојан Маричиќ во одговор на новинарско прашање околу оставката на претседателот на партијата Зоран Заев изјави дека консултациите и состаноците и со коалициските партнери и на ниво на СДСМ се во тек.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин ја повтори својата поддршка за белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко.
ЧЕШКА - Совет на еминентни лекари во Чешка, вклучително и психијатар денеска за прв пат ќе заседава по што во текот на месецов треба да поднесе извештај дали чешкиот претседател Милош Земан е психички и физички способен да ја врши функцијата. Земан 25 дена беше на интензивна нега во Централната воена болница во Прага, но неговата здравствена состојба, според докторите, многу се стабилизирала и вчера беше префрлен во редовна болничка соба.
УНГАРИЈА - Висок функционер во унгарската владејачка партија за прв пат потврди дека владата купила шпионски софтвер кој наводно се користел за следење на новинари, адвокати, бизнисмени и опозициски личности во десетици земји во светот. Лајош Коса, претседател на парламентарната Комисија за одбрана и спроведување на законот, им изјави на новинарите на 4 ноември по затворената седница на комисијата дека Министерството за внатрешни работи купило софтвер Пегаз, произведен од израелската групација НСО.
ЕУ - Помина премногу време од Дејтонскиот договор и ветувањето на лидерите на Европската унија во Солун дека ќе ја отворат вратата за Западен Балкан и сега е време ЕУ да го забрза тоа, соопшти во Будимпешта Парламентарното собрание на Советот на Европа.