Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека повело постапка против две лица од кои едното е осомничено дека сторило измама, а другото е осомничено за лажно претставување. Според соопштението на обвинителството, првиот осомничен, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, лажно прикажал факти согласно кои наводно поседувал информации дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица.
„Притоа, од еден од наводно осомничените во таа постапка и негов пријател побарал парична награда од 75.000 евра кои ќе му бидат исплатени во неколку наврати за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со службени лица – истражители во обвинителството за да се запре постапката. Наредбата со невистинита содржина која му ја прикажал на оштетениот за да го увери во вистинитоста на своите тврдења осомничениот ја креирал на неговиот компјутер, со што го довел во заблуда оштетеното лице. Во тоа му помогнал и вториот осомничен, кој на средба со оштетениот лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање и воедно истражител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, наведуваат од обвинителството.
На 3 ноември, како што се посочува, првиот осомничен се сретнал со оштетениот во ресторан во Скопје и зел од него парични средства во висина од 5.000 евра за услугата што ветувал дека ќе ја изврши. Бидејќи во конкретниот случај постои реална опасност од бегство, од обвинителството додаваат дека на двајцата осомничени, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлози за определување мерка притвор.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во меѓувреме во целост ги демантираше наводите за апсења или инволвираност на нејзини вработени во случајот, изнесени во текот на вчерашниот ден во повеќе медиуми.
„Почитувајќи ги начелата на транспарентност и отчетност пред граѓаните ја демантираме како целосно неточна пласираната информација дека кој било од вработените на Агенцијата е ангажиран како истражител на Јавното обвинителство, согласно член 50 од Законот за кривична постапка. Постапувајќи согласно одредбите од член 287 од ЗКП, Агенцијата овозможи пристап и увид до сите барани податоци од страна на Судот во претходна постапка при што неспорно се утврди дека не постојат никакви податоци или документи кои би можеле да упатат на каква било инволвираност на вработени во АНБ во случајот“, соопштуваат од АНБ за МИА.