Маричиќ: Следната недела конкретен план за функционирањето на Владата

Министерот за правда, Бојан Маричиќ

Министерот за правда, Бојан Маричиќ во одговор на новинарско прашање околу оставката на претседателот на партијата Зоран Заев изјави дека консултациите и состаноците и со коалициските партнери и на ниво на СДСМ се во тек.

„Денеска има серија на средби, очекуваме наредната недела веќе да излеземе со конкретен план затоа што е тоа важно и за граѓаните и за државата“, изјави тој.

Во врска со најавите дека следната недела СДСМ планира да излезе со мандатар, Маричиќ потенцира дека приоритет е да се зачува парламентарното мнозинство и оти тоа е волја на сите коалициски партнери.

„Нас ни е приоритет да се зачува парламентарното мнозинство бидејќи тоа е и волја на сите коалициони партнери и секако, да ја најдеме најдобрата формула како да продолжи да функционира Владата во овој момент, бидејќи има расположение, има одлука да се продолжи, а да нема избори во овој момент“, рече Марчиќ на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано и програмски директор за Западниот Балкан во AIRE Центарот Билјана Брајтвејт.

Во врска со тоа дали тој ќе биде следниот мандатар на Владата, Маричиќ рече дека се работи за шпекулација.

Во меѓувреме Горан Сугаревски објави дека поднесува оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ. Сугаревски на Фејсбук напиша дека со тоа презема морална одговорност за неуспехот на локалните избори.