Совет на еминентни лекари во Чешка, вклучително и психијатар денеска за прв пат ќе заседава по што во текот на месецов треба да поднесе извештај дали чешкиот претседател Милош Земан е психички и физички способен да ја врши функцијата. Земан 25 дена беше на интензивна нега во Централната воена болница во Прага, но неговата здравствена состојба, според докторите, многу се стабилизирала и вчера беше префрлен во редовна болничка соба. Претседателот е хоспитализиран во Централната воена болница од 10 октомври. Од болницата не соопштија за кое хронично заболување се работи, бидејќи Земан не дал дозвола за тоа.
Превирања во Чешка поради овластувањата на претседателот Земан
Во медиумите протече, а пријателот на Земан, поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус потврди дека тој имал сериозни проблеми со црниот дроб. Трансферот на чешкиот претседател од одделението за интензивна нега значи дека може да ги прими премиерот во заминување Андреј Бабиш и можниот иден премиер, лидерот на победничката коалиција Петар Фиала. По парламентарните избори на 8 и 9 октомври, коалицијата на Фиала составена од конзервативци, демохристијани и либерали, заедно со коалицијата на партијата Пирати и независните градоначалници, има удобно мнозинство од 108 во 200-члениот Претставнички дом.