Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека прогласувањето на енергетска кризна состојба нема да значи дека ќе има рестрикции на струја, односно дека такви мерки не се предвидени, соопшти Министерството за економија.
„Согласно сите податоци кои ги имаме во моментов нема проблем со снабдување со електрична енергија, кризата е поради големите ценовни шокови на берзите на струја, затоа ќе побараме од Владата на следната редовна седница да биде прогласена енергетска кризна состојба“, вели Бектеши.
Тој додава дека кризната состојба во енергетскиот сектор ќе биде прогласена за да може Владата директно да вбризга средства од буџетот во ЕСМ и МЕПСО за да се зголеми нивната ликвидност.
„За таа цел направивме и измените во Уредбата за прогласување на кризна состојба за да може да се префрлат средства за енергетските компании. Од Министерството за економија се обезбедени околу 100 милиони евра за да може да се интервенира во овие две компании за да може МЕПСО да ги покрие долговите кои ги има, а ЕСМ да обезбеди јаглен за производство на електрична енергија“, вели Бектеши.
Инаку, владината уредба донесена на 30 октомври и која веќе е објавена во Службен весник, предвидува обезбедување на непречено префрлање на пари од буџетот, како и на други извори за покривање на загубите кои се направија со дисбалансот во енергетскиот систем. Уредбата предвидува и рестрикции, но не и за домаќинствата.
Ограничувања со воведувањето енергетска криза се предвидува да има преку исклучување на сите светлечки реклами; осветлението на улиците, плоштадите и другите објекти да се намалува до минимален сигурносен обем на осветлување; осветлението на излозите да се ограничува до минимален сигурносен обем на осветлување и/или; забрана за употреба на електрична енергија за додатно загревање на деловни и службени простори.
Бектеши вели дека во моментов се работи на ставање во функција на сите домашни капацитети за производство на струја за да нема ценовни шокови и да нема покачување на цените за домаќинствата и малите потрошувачи.
Тој наведува дека производствената цена на струја од домашното производство изнесува од 56 до 70 евра за мегават час, додека цената на струјата на берзите е 200 евра за мегават час, вели Бектеши.