Путин и Лукашенко потпишаа договор за 28 програми

Архива - Рускиот претседател Владимир Путин и авторитарниот белоруски владетел Александар Лукашенко присуствуваа на прес-конференција по нивните разговори во Кремљ во Москва, Русија. 9 септември 2021 година.

Лидерите на Русија и Белорусија потпишаа серија на патокази со цел продлабочување на интеграцијата на двете соседни земји, како дел од деценискиот план за создавање „Сојуз на Русија и Белорусија“, објавија денеска државните медиуми.

Рускиот претседател Владимир Путин и авторитарниот белоруски владетел Александар Лукашенко потпишаа договор за 28 „програми“ на онлајн состанок на Врховниот државен совет на „Сојузот на Русија и Белорусија“.

Документот се фокусира главно на економски и регулаторни прашања, вклучително заеднички политики за оданочување, банкарство, индустрија, земјоделство и енергија. Не беа споменати прашања околу политичка интеграција.

Москва и Минск го потпишаа договорот за „Сојузот на Русија и Белорусија“ во 1999 година и оттогаш преговараат без прекин.

Проектот ќе биде голем чекор кон обединување на економиите и политичките структури на двете земји, но исто така може да го поткопа суверенитетот на Белорусија, нешто на што Лукашенко со години жестоко се спротивставува.

Но, авторитарниот лидер е се повеќе изолиран и избегнуван од голем дел од меѓународната заедница по претседателските избори одржани во август 2020 година, на кои тој побара реизбор за шести мандат.

Белоруската опозиција и Западот го осудија гласањето како наместено и беа предизвикани повеќемесечни улични протести кои белоруските безбедносни сили жестоко ги разбија.

Европската унија, САД и другите земји не го признаа Лукашенко за претседател на Белорусија и неколкпати воведоа санкции поради сеопфатното задушување на политичката опозиција, граѓанското општество и независните медиуми.

Во услови на изолација, Лукашенко се приближи до Русија, барајќи заеми и воена поддршка од Путин.