Политичките договори треба да бидат трансформирани во реалноста на границите. Ова е пораката од трилатералната средба на регионалната иницијатива за соработка „Отворен Балкан“, во која се вклучени Србија, Албанија и Северна Македонија.
Иницијативата предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу овие три земји.
Денеска во Белград се одржа средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и вицепремиерот задолжен за европски прашања на Северна Македонија Никола Димитров. На средбата присуствуваа и бизнисмени од трите земји.
„Нашата работа е да видиме каде потфрливме на терен“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој наведе дека е фрустрирачки што договорите на политичко ниво не се целосно спроведени на терен.
Вучиќ наведе дека затоа е одлучено да биде формиран Совет за спроведување, со задача да го координира договореното во рамките на иницијативата.
„Во следните 7 до 10 дена ќе имаме средби со претставници на царината, на различни агенции и фитосанитарни инспекции за да видиме како се одвива слободниот проток на стоки и услуги“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека бизнисмените им рекле дека слободниот проток на стоки не функционира, наведувајќи го примерот дека ако камион стигне на царина во петок навечер, мора да чека до понеделник наутро.
Вучиќ објасни дека целта е да се отстранат пречките за транспорт на стоки.
„Кога ќе ја добиете царинската декларација во Суботица или во Белград, нема ништо да ве спречи на границата меѓу Србија и Северна Македонија и Северна Македонија и Албанија. Одите понатаму кон Тирана“, изјави Вучиќ.
Според албанскиот премиер Еди Рама, во фокусот на оваа средба биле луѓето, компаниите, земјоделците, работниците, студентите и оние кои се конкретни корисници на „Отворениот Балкан“.
„Не може во петок навечер да стигнете до граница и да чекате до понеделник за да се извезете млеко, бидејќи до понеделник млекото ќе се претвори во јогурт“, изјави Рама.
Рама рече дека не може да се чека уште 10 години за слободно да се патува и дека затоа се неприфатливи толку многу инспекции и канцеларии на границите.
Иницијаторите на „Отворен Балкан“ рекоа дека бизнисмените едногласно ја поддржуваат оваа иницијатива, но дека бараат она што е политички договено, да се преточи во реалноста на границите.
Според присутните, на состанокот бил заземен и заеднички став за Европската унија. Тие повторија дека регионалната иницијатива „Отворен Баалкан“ не е конкуренција за интеграцијата во ЕУ, туку комплементарен процес.
Албанија и Северна Македонија веќе неколку години чекаат да започнат преговори со Брисел за членство во ЕУ.
Вицепремиерот на Северна Македонија Никола Димитров изјави дека ситуацијата во земјата е доста сложена, но дека не можеле да си дозволат да не присуствуваат на оваа средба.
„Тешко е да се најде подобар пример за тоа што се случува кога ЕУ не ги исполнува своите ветувања. Тогаш европското гласачко ливче нема да биде атрактивно и граѓаните ја губат вербата дека би можеле да имаат европска иднина“, рече Димтров.
Тој во Белград дојде наместо премиерот Зоран Заев, кој најави оставка поради лошиот резултат на СДСМ на локалните избори одржани во неделата на 31 октомври.
Сепак, Димитров рече дека не е фер да се критикува цела ЕУ, туку дека Северна Македонија има проблем со една членка.
„Ова вето не е само вето на нашата европска иднина, тоа е вето на европските политики на Балканот и на македонско-бугарското пријателство“, рече Димитров.