Димитров - Не гледам ризик за излез на Македонија од Отворен Балкан во случај на промена на власта

Вицепремиерот Никола Димитров

Не гледам никаков ризик на повидок за излез на Северна Македонија од иницијативата Отворен Балкан доколку дојде до промена на власта во земјата како резултат на локалните избори, одговори на новинарско прашање вицепремиерот Никола Димитров на прес-конференцијата после состанокот на Отворен Балкан во Белград.

„Не мислам дека политичката состојба во мојата земја има достигнато ниво на фер конкуренција и за владата би било подобро ако имаме таква конкуренција каде политичките учесници ќе покажат кој може да направи нешто подобро, дури и ако ги поврземе резултатите од локалните избори со Владата“, одговори Димитров.

Тој, хипотетички говорејќи, кажа дека мнозинството граѓани во земјава сакаат да одат напред и да имаат добрососедски односи и регионална соработка.

„Дури и да дојде до промена на власта, волјата на граѓаните ќе биде таква што кој и да дојде на власт, ќе мора да оди напред, што значи европеизација, јакнење на демократијата, економијата што бара блиска соработка со нашите соседи. Затоа не гледам никаков ризик на повидок за излез на мојата земја од иницијативата“, изјави Димитров.

На ова новинарско прашање се надоврза и српскиот претседател Александар Вучиќ кој кажа дека не е реално сега Македонија да ги прекине или да ги влоши односите со Србија и Албанија.