Во рамките на иницијативата Отворен Балкан, денеска во Белград почна средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и македонскиот вицепремиер Никола Димитров.
Вучиќ, Рама и Димитров претходно имаа средба со претставници на компании од Србија, Албанија и Северна Македонија, како и со претставници на Атлантскиот совет.
На средбата во Белград требаше да присуствува и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, но ја откажа посетата затоа што поднесе оставка од таа функција поради поразот на локалните избори.
Видете и ова: Грвала: „Отворен Балкан“ и Заедницата на српски општини се штетни за Косово
Отворен Балкан е регионална иницијатива за соработка која ги вклучува Србија, Албанија и Северна Македонија, порано позната како мини-Шенген. Иницијативата го промени името во Отворен Балкан кон крајот на јули, на состанокот во Скопје на кој присуствуваа лидерите на трите земји, Еди Рама, Зоран Заев и Александар Вучиќ.
Потоа беше договорено од 1 јануари 2023 година, граничните контроли меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија да бидат укинати. Потпишани се три документи - Меморандум за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка за слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан и Договор за соработка во случај на катастрофи.