Кина ги зголемува своите нуклеарни сили многу побрзо отколку што предвидуваа американските власти пред само една година, се вели во најновиот извештај на Пентагон, во кој се оценува: „Кина брзо ја зајакнува својата воена моќ со намера да му овозможи на Пекинг да ја достигне или надмине глобалната моќ на САД до средината на векот“, Бројот на кинески нуклеарни боеви глави може да се зголеми на 700 за шест години, а до 2030 година да надмине 1.000. Пентагон не наведе колку боеви глави сега има Кина, но пред една година беше констатирано дека тој број е нешто повеќе од 200 и дека до крајот на деценијата може да се удвои. За споредба, САД имаат 3.750 нуклеарни оружја и не планираат да го зголемат тој број. До 2003 година, вкупниот број на такво оружје во САД беше околу 10.000.
САД се загрижени поради кинеските хиперсонични ракети
Извештајот не навестува отворен конфликт со Кина, но укажува дека се зајакнуваат способностите на Народноослободителната армија на Кина, која е решена да се натпреварува со САД во сите области на војување, во воздух, на копно, во вселената и сајбер просторот. Во такво опкружување, американските воени претставници рекоа дека се повеќе загрижени за намерите на Кина кон статусот на Тајван, остров кој има самоуправа, но кој Кина го смета за своја територија.
Кинескиот претседател вети „обединување“ со Тајван
Извештајот на Пентагон се заснова на информации собрани до крајот на декември 2020 година и не ја одразува или споменува претходната изјава на началникот на Здружениот генералштаб на американската армија, генерал Марк Мили. Мили минатиот месец изрази загриженост за кинеското тестирање на хиперсонично оружје минатото лето, што, според него, било загрижувачко изненадување. Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Кина планира да стане глобална воена сила до 2049 година.