Глобалните емисии на јаглерод во 2021 година би требало да се вратат речиси на нивото на кое беа пред пандемијата, според студијата објавена на 4 ноември. Загадувањето со CO2 оваа година ќе биде само помалку од рекордот поставен во 2019 година, според извештајот објавен на климатската конференција на ОН во Глазгов, од конзорциумот Global Carbon Project, група научници кои ги следат гасовите што заробуваат топлина кои предизвикуваат климатски промени. Емисиите на CO2 се намалија во 2020 година за рекордни 1,9 милијарди тони - што е пад од 5,4 проценти - бидејќи земјите влегоа во пандемиски блокади и економиите запреа, покажува извештајот. Драматично почистиот воздух во многу од најголемите градови доведе до надеж дека светот е на вистинскиот пат во намалувањето на загадувањето со јаглерод, но научниците велат дека тоа не е така.
Лесни ветувања и тешки преговори на самитот за климата во Глазгов
Извештајот прогнозира дека емисиите во 2021 година ќе покажат пораст од 4,9 отсто и речиси ќе го избришат падот од 2020 година. „Очекувавме да видиме одредено враќање. Она што не изненади беше интензитетот и брзината на враќањето“, рече водечкиот автор на студијата Пјер Фридлингштајн, истражувач за климатско моделирање на Универзитетот во Ексетер во Британија. Целта на климатската конференција е да се изнајдат начини да се ограничи порастот на температурата на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа и да се избегнат најкатастрофалните ефекти од климатските промени. За да го направат тоа, научниците велат дека емисиите на CO2 мора да достигнат нето нула до 2050 година. За да се дојде до тоа, според Фридлингштајн, потребни се драстични намалувања на CO2. „Она што треба да се прави секоја година од сега до 2050 година е - општо земено - приближно истото намалување како што имавме за време на кризата со ковид-19“, рече тој.
Коронавирусот го намалува загадувањето - планетата здивнува
Извештајот го истакна скокот на емисиите на CO2 во Кина, велејќи дека уделот на таа земјата во глобалното производство оваа година ќе биде речиси една третина. Коавтор на студијата рече дека зголемувањето дошло кога кинеската економија забрзала од пандемијата пред другите, согорувајќи повеќе јаглен и природен гас во тој процес.Истражувањето се заснова врз податоци од владите за користење на енергија, патувањата, индустриско производство и други фактори. Извештајот бележи и некои позитивни знаци за емисиите на CO2. На пример, 23 земји кои прават четвртина од глобалните емисии во последната деценија, вклучувајќи ги САД, Јапонија, Германија, Франција и Британија, забележаа истовремено и силен економски раст и значителен пад на емисиите.