Девет компании доставија понуди на јаглен за РЕК Битола

РЕК Битола

Девет компании се јавија на повторениот повик за набавка на јаглен за третиот блок на РЕК Битола за дополнително производство на електрична енергија наменето за стопанството и државните институции. Понудите ги исполнуваат бараните количини од 900 илјади тони јаглен, информира АД ЕСМ.

Понуди доставиле домашни фирми кои нудат јаглен од два домашни рудници, потоа фирми од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и од Турција.

Откако ќе се провери дали понудениот јаглен ги задоволува минимум техничките карактеристики, ќе се направи економско-финансиска евалуација на понудите.

„Што се однесува до јагленот за ТЕЦ Осломеј од првиот повик за набавка, се очекува во понеделник да се официјализира изборот на понудувачот на 300 илјади тони јаглен и да се потпише договор, по што веднаш ќе започне испораката со динамика предвидена во договорот“, посочуваат од АД ЕСМ.

Тие нагласуваат дека се во постојана комуникација со Владата и со ТЕЦ Неготино со цел стартување на термоелектраната, со поддршка на АД ЕСМ.

Владата на почетокот на октомври донесе одлука за интервентен увоз на јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј за да се избегне увоз на струја по високи цени.