Узбекистан го ограничи пристапот до повеќето социјални медиуми и сервиси за брзи пораки

Илустрација

Узбекистанските власти го ограничија пристапот до повеќето социјални медиуми и платформи за брзи пораки поради прекршување на законот за лични податоци во земјата. Корисниците ја почувствуваа забраната речиси веднаш.

Узбекистанскиот регулатор за комуникации О’зкомназорат додаде седум социјални мрежи – Фејсбук, Инстаграм, Линкедин, Мои Мир, Однокласники, Телеграм и Јутуб во „регистарот на прекршители“ на законот кој стапи во сила во април и кој бара од интернет компаниите да ги складираат личните податоци на узбекистанските корисници на сервери во земјата.

Користењето на социјалните мрежи ќе биде „ограничено во согласност со утврдената процедура додека не се отстранат идентификуваните недостатоци“, се наведува во кусото соопштение.

Интернет корисниците во најнаселената централноазиска држава денеска пријавуваат прекини на овие веб-страници, како што се пригушување или намалување на брзината.

Пред четири месеци на листата беа ставени Твитер, ТикТок, ВКонтакте, Скајп и ВиЧет.

ВацАп сè уште функционира нормално.

Последните ограничувања доаѓаат откако претседателот Шавкат Мирзијоев освои нов мандат на изборите минатиот месец.

Тој дојде на власт по смртта на неговиот авторитарен претходник Ислам Каримов во 2016 година. На почетокот се позиционираше како реформатор кој ја отвори земјата кон соседите и кон светот и ослободи политички затвореници.

Организациите за човекови права велат дека реформите не отишле доволно далеку.