СЗО ја одобри индиската вакцина Коваксин за итна употреба

Вакцина Коваксин

Светската здравствена организација (СЗО) ја одобри за итна употреба вакцината против ковид-19 на индискиот производител Барат Биотек.

Во денешното соопштение, СЗО вели дека придобивките од употребата на Коваксин „далеку ги надминуваат ризиците“ и дека вакцината е „исклучително погодна за земјите со низок и среден приход поради лесните услови за складирање“.

Коваксин, која има ефикасност од околу 78 проценти, е седма вакцина одобрена од СЗО, по тие на АстраЗенека, Фајзер/Бионтек, Џонсон и Џонсон, Модерна, Синофарм и Синовак.

Печатот за одобрение од СЗО значи дека оваа вакцина може да се користи преку механизмот КОВАКС за дистрибуирање на вакцини во посиромашните земји. Исто така го отвора патот за земјите без медицински регулатори да ги следат упатствата на СЗО за употреба на вакцините.

Индискиот регулатор за лекови ја одобри употребата на Ковакцин во јануари, уште пред да биде завршено опсежното тестирање кај луѓето, што предизвика загриженост дека властите брзаат со вакцината.

До средината на октомври се употребени повеќе од 110 милиони дози од вакцината во Индија.