Грците кои не сакаат да се вакцинираат, но сакаат да имаат сертификат за вакцинација, нелегално, по цена од 300 евра вадат европски сертификати во Бугарија, без воопшто да се вакцинираат, објави грчката државна телевизија ЕРТ, пренесувајќи сведоштво на еден од посредниците меѓу грчките државјани и бугарската мрежа.
Според телевизијата, бугарската мрежа е веќе активна во северниот дел на земјата, а лицето кое говори за ЕРТ објаснува дека тоа е мрежа во Бугарија, а тој само посредува доколку грчки државјанин е заинтересиран да добие ЕУ сертификат за вакцинација, без воопшто да се вакцинира.
„Одиш за Бугарија, ти даваат сертификат, го проверуваш името, ти го подготвуваат, проверуваш дали е сè точно, плаќаш и си одиш“, објаснува посредникот за ЕРТ и додава дека проверката се врши со скенирање на кодот, се појавува точното име на заинтересираното лице и зелен знак дека е завршена вакцинацијата.
Целата процедура, според него трае 15 минути, единствено што е потребно е лично да се замине за Софија и да се плати 300 евра.
Открива дека лично тој знае за најмалку 100 издадени сертификати на Грци од северниот дел на земјата во изминатите три месеци.