Белгискиот експерт, Питер Ванхауте, кој беше посредник на ЕУ во постигнувањето на Пржинскиот договор оценува дека премиерот Зоран Заев избрзал со поднесување оставка на функцијата по неуспехот на локалните избори, бидејќи претходно не се консултирал за тоа со коалициските партнери.
Смета и дека исходот од изборите на едно ниво не треба да имаат влијание на друго ниво бидејќи локалната и централната власт се две јасно одвоени нивоа на управување.
По поразот на локалните избори премерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев најави дека ќе си поднесе оставка од двете функции. Подоцна коалиционите партнери на Заев изјавија дека се противат на неговата одлука.
„На политичкиот систем во земјата и е потребна стабилност и граѓаните треба да разберат дека политиката на едно ниво не треба да има моментално влијание на другото ниво. Замислете градоначалниците да поднесат оставки ако се разочарани од резултатот на националните избори“, наведува Ванхауте во статус на неговиот Фејсбук профил.
Според него, во меѓувреме не се потребни предвремени избори, туку земјата да продолжи понатаму со фокусирање на националните приоритети како економски развој, подобрување на здравствениот, на образованиот систем и поддршка за развојот на перспективен земјоделски систем, и секако на надминување на спорот со Бугарија.
Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, најголемата опозициска партија, побара брзи предвремени парламентарни избори.