Статисти и оптимисти

МАКЕДОНИЈА - Македонија е меѓу земјите со висок ризик од изложеност од сиромаштија, каде повеќе од една третина од населението се под тој ризик (околу 35 отсто), покажуваат податоците на Статистичката агенција на ЕУ - Евростат за 2020 година. Од земјите во регионот, во поголема негатива се Албанија, Црна Гора и Турција. Податоците на Евростат се однесуваат на земјите-членки на Европска унија, Европската економска област и земјите од Западен Балкан.

МАКЕДОНИЈА - Последните денови брегот на Дебарското Езеро има илјадници угинати школки, кои, според концесионерот за рекреација и спортски риболов на Дебарското Езеро здружението Трофта, се предизвикани поради ниското ниво на водата на езерото. Оваа појава е присутна на над пет километри од брегот на езерото, велат истите извори, јави нашиот дописник од Дебар, Кенан Мимидиновски.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара брзи предвремени парламентарни избори. Според него брзите избори се најдобро решение за државата оти, како што вели, на земјава и треба стабилна влада и надминување на кризите.

МАКЕДОНИЈА - На средбата на премиерот со владините коалициски партнери било кажано дека има надеж за решавање на спорот со Бугарија и одржување меѓувладина конференција со ЕУ во декември, дознава РСЕ. Но, аналитичарите оценуваат дека позицијата на македонската влада сега е отежната поради внатрешно политичките случувања.

САД / РУСИЈА - Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс ја посети Москва каде разговараше со шефот на руската служба за надворешно разузнавање (СВР) Сергеј Наришкин за билатералната соработка во борбата против меѓународниот тероризам. Барнс е во ретка посета на Москва за да разговара за односите меѓу САД и Русија во услови на постојани тензии меѓу Вашингтон и Москва.

КАЗАХСТАН - Пратениците во Собранието на Казахстан го одобрија предлог-законот за масовна амнестија пред одбележувањето на годишнината од независноста на земјата. Поранешната советска република следниот месец треба да одбележи 30 години независност.

ИЗРАЕЛ / ПАЛЕСТИНА - Палестинските семејства ја отфрлија понудата да се одложи нивното иселување од спорната населба во Ерусалим за да можат еврејските доселеници да се преселат таму. Заканите за иселување во април и мај предизвикаа протести и судири меѓу Палестинците и израелската полиција, не само во соседството, туку и во Харам ал-Шариф, свето место за Евреите и муслиманите. Демонстрантите велеа дека не можат да бидат статисти во такви случувања.

ШВАЈЦАРИЈА - Швајцарското обвинителство поднесе обвинение против поранешните претседатели на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) Сеп Блатер и на Европската фудбалска унија (УЕФА) Мишел Платини, за измама и други кривични дела. Обвинителството во изминативе шест години истражуваше случај за исплата два милиона долари, откако Блатер, како прв човек на ФИФА, тие пари му ги дал на Платини за консултантска работа извршена од 1998 до 2002 година.