Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара брзи предвремени парламентарни избори. Според него брзите избори се најдобро решение за државата оти, како што вели, на земјава и треба стабилна влада и надминување на кризите. Според него формирање ново парламентарно мнозинство нема да помогне во решавање на наталожените проблеми, туку само ќе доведе до преговори и разговори.
„Брзи избори со почитување на уставните и законски рокови. Изборите се светло на крајот од тунелот“, рече Мицкоски.
Тој на прес-конференција во партиското седиште рече дека бара избори за, како што вели, уште еднаш да се изборат во иднината во која веруваат.
„Оваа влада го има целосно изгубено кредибилитетот и легитимитетот и секое понатамошно продолжување на нивната работа ќе значи нефункционални институции, дополнителни порази, значи продолжување на корупцијата, дополнителен криминал“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање што ќе преземе ВМРО-ДПМНЕ, оти владејачкото мнозинство порача дека не е време за предвремени избори.
Мицкоски вели дека доколку владата не ја прифати подадената рака за предвремени избори, тогаш сите проблеми со кои се соочува државата, како енергетската криза, лошата економија, грешките во образованието и другите проблеми ќе бидат на товар исклучиво на оваа влада.
Во понеделникот на средба во Владата партиите од парламентарното мнозинство одлучија дека не е време за предвремени избори.
Повикот на Мицкоски доаѓа откако партијата победи на локалните избори освојувајќи најмногу градоначалнички места. По изборите премиерот Зоран Заев најави оставка од премиерската и функцијата лидер на СДСМ.