Спас Ташев – Излишно е функционирањето на историската комисија во сегашниот формат

Архивска фотографија: Состанок на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања на 16 октомври 2020

Функционирањето на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија во сегашниот формат е излишно и лично не гледам смисла во продолжување на нејзината активност, вели Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН) за Њуз.бг. Тој вели дека не предлага распуштање на Комисијата, туку преиспитување на нејзината работа и таа да се фокусира на популаризација на неспорните факти, кои се прифатливи и за Бугарија и за Македонија.

„Може да се заклучи дека Комисијата не дава резултати, а причина за тоа е не добро осмислената идеја за нејзиното создавање“, смета Ташев.

Според него, дискусиите во Комисијата се непродуктивни и за самите седници не се водат протоколи, а какви одлуки и да се донесат, тие не се почитуваат од страна на Скопје и на крајот на денот генерално се враќаме на почетната позиција. Ташев предлага разговорите во Комисијата привремено да се замрзнат и двете страни да започнат архивско истражување со објавување на документи во нивните оригинали верзии за сите спорни лица, што би било основа за дебати. Според него, Бугарија сега е влезена во нова етапа во политиката кон Македонија.

„Досега акцентот во нашата политика беше ставен на историјата и не обрнувавме многу внимание на сегашноста. Поради оваа причина, бугарските аргументи не беа разбрани од европските и американските партнери. Претседателот Румен Радев прв го постави прашањето дека треба да се смени акцентот и тој да се стави на човековите права. Шефот на државата го постави прашањето за тоа што Бугарите во Република Северна Македонија се маргинализирани, прогонувани и нерамноправни“, вели Ташев.

Според него, земјава „навлегува во сериозна политичка криза“, за која не се знае решението.

„Доколку на евентуални предвремените парламентарни избори на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ, која се заканува со ревизија на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство со Бугарија, тогаш Скопје ќе западне во меѓународна изолација, што не е во интерес на никого“, смета Ташев.