Пратениците во Собранието на Казахстан го одобрија предлог-законот за масовна амнестија пред одбележувањето на годишнината од независноста на земјата. Поранешната советска република следниот месец треба да одбележи 30 години независност.
Министерот за внатрешни работи Ерлан Тургимбаев објаснувајќи го предлог законот пред членовите на долниот дом на казахстанскиот парламент рече дека амнестијата ќе опфати над 2.300 затвореници и над 11.000 луѓе кои се на условна слобода.
„Околу 1.000 лица ќе бидат ослободени од казнено-поправните установи, а ќе бидат укинати ограничувањата за условно ослободување на 3.800 лица. Дополнително, ќе се намалат казните на 1.294 затвореници и на 7.392 лица на условен отпуст. Понатаму, ќе бидат затворени 5.000 кривични предмети кои се во тек“, рече Тургимбаев, додавајќи дека ќе бидат ослободени претежно лица осудени за мали или за полесни кривични дела.
Казахстан беше последната советска република која прогласи независност на 16 декември 1991 година.