Грузиската опозиција на протести бара да биде ослободен екс претседателот

Протест на грузиската опозиција во Батуми

Грузиското опозициско Обединето национално движење (ЕНМ) започна „постојани“ протести со барање за ослободување на затворениот поранешен претседател Михаил Саакашвили, кој еден месец е во штрајк со глад.

„Единственото барање на агендата денес е слободата на Саакашвили“, им рече членот на ЕНМ Заал Удумашвили на демонстрантите додека се собираа пред затворот во градот Рустави, каде што е затворен Саакашвили.

Друг лидер на партијата, Коба Кабази, рече дека ќе остане таму цела ноќ и ги повика другите демонстранти да го сторат истото.

Сличен протест се одржува во близина на зградата на Владата во Батуми, крајбрежниот град каде што лидерот на ЕНМ, Ника Мелиа и кажа на толпата дека протестите нема да завршат додека „вистината не преовлада“ и Саакашвили не биде ослободен.

Грузија е во политичка криза од парламентарните избори во 2020 година, која се продлабочи откако Саакашвили беше затворен минатиот месец пред првиот круг од локалните избори и стапи во штрајк со глад.

ЕНМ, која беше основана од Саакашвили, тврди дека вториот круг од изборите на 30 октомври бил наместен во корист на владејачката партија Грузиски сон. Опозицијата планира големи протести во главниот град Тбилиси за време на викендот.

Прелиминарните резултати од вториот круг покажаа дека Грузискиот сон тесно освои 19 од 20 спорни градоначалнички места, вклучително и сите пет во поголемите градови во земјата.