Косовската вицепремиерка и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала вели дека иницијативата „Отворен Балкан“ и Заедницата на општини со мнозинско српско население се неприфатливи за нејзината влада, затоа што, според неа, за штетни за државата.
Во нејзиното обраќање пред Комисијата за евроинтеграции при Собранието на Косово, Грвала порача дека договорот за формирање на Заедницата, постигнат меѓу Приштина и Белград во преговорите со посредство на Европската унија, нема да биде спроведен.
„Одлуките во минатото се донесени со извонредна леснотија. „Отворен Балкан“ и Заедницата се две теми кои сме ги анализирале и тие се штетни. Тврдиме дека се штетни и ќе работиме за да им го објасниме тоа на тие кои ни сакаат добро. Заедницата ќе создаде една втора Босна во Косово. Не сакаме да се парализираме како Босна. Го немаме тој луксуз да спроведуваме штетни договори“, изјави Грвала.
Претходно и другиот вицепремиер, главниот преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бислими во интервју за домашен медиум исто така најави дека Владата, предводена од премиерот Албин Курти, нема да ја формира Заедницата на српски општини, додека претседателката на државата, Вјоса Османи рече дека би можела да се формира заедница која „би имала надлежности најмногу колку една невладина организација“.