Лончар: Сменети лекарите кои го препорачувале лекот „ивермектин“

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар денеска изјави дека лекарите кои го препорачале или препишале лекот „ивермектин“ за третман на ковид 19 веќе биле отпуштени од работа.

„Тие што беа на некои раководни позиции ги нема, сега следува вториот дел. Овој лек не е според законот, тој е нерегистриран лек за човечка употреба, се користи во ветеринарната медицина и не може да се користи и препорача на луѓето “, нагласи тој.

Тој рече дека ќе се смета дека лекарите кои ја препорачуваат употребата на тој лек го нарушуваат здравјето и животот на граѓаните на Србија и дека соодветно ќе ги сносат и соодветните последици.

Препораките за лекување на ковид 19 со ивермектин се шират преку група на вибер, а медиумите во Србија објавија дека некои лекари биле дел од групата која им препорачала нерегистриран лек на граѓаните заболени од коронавирус. Ивермектин е лек кој во Србија е регистриран како лек за лекување животни, а не за човечка употреба

Лончар ги повика медиумите во Србија да не известуваат за антиваксерите, бидејќи како што рече, „тоа е тоа што тие сакаат“.