Најстариот либански дневен весник на англиски јазик, Дејли Стар, ги отпушти сите вработени, со што стана последната жртва на кризата со печатените медиуми во земјата. Вработените во овој дневен весник преку електронска пошта до која имала пристап агенцијата АФП, биле предупредени дека одлуката за отказ важи од 31 октомври.
Во февруари минатата година, Дејли Стар го суспендираше печатеното издание поради финансиски тешкотии, а од 13 октомври веб-страницата повеќе не објавува нови содржини.
Во последните години весникот драстично го намали бројот на вработени, а новинарите се жалат дека не земаат плата.
- Европските пратеници сметаат дека санкции за Либан и натаму се опција
- Хезболах: Ирански танкер со гориво кон Либан и покрај американските санкции
Либан се соочува со економска криза која Светска банка ја означи како најлоша во светот од 1850 година и директно влијае на либанските медиуми, масовните отпуштања и намалувањето на платите на новинарите. Неколку медиуми престанаа да работат, а оние што останаа се борат да преживеат, пишува Франс прес.
Дејли Стар е основан во 1952 година од истакнатиот новинар Камел Мору, кој се спротивставуваше на воените диктатури во арапскиот свет, а беше убиен во 1966 година во Бејрут. Во 2010 година, неговото семејство продаде дел од сопственоста во овој весник на семејството на поранешниот либански премиер Саад Харири.